ЗА НАС

Човекот отсекогаш патувал. Патувал заради работата, парите или луѓето, патувал за подобар живот...

Но, најважното патување во нашиот живот започнува во нашето срце…

Човекот, како богообразно и богоподобно битие, отсекогаш копнеел по оностранското, невидливото, вечното, Божјото. Патувањето како потрага по Бога, по вечниот живот, потрагата по вечната љубов, радост, мир и спокој, била - е - и ќе биде - најважното животно патување на секој човек низ вековите до денес. Гладта за таа надумна средба, нѐ носи низ непроодни, зафрлени, недостапни места, најнапред во нашето срце… Но, во потрагата по Животот, нема умор, нема тага, нема болка… Човекот кој искрено тргнал по Бога, кој верува и се надева на Него, кој упорно патува по Божјите патишта, безусловно ќе се утеши, орадости и успокои. А човекот, кој еднаш ќе го сретне Бога, сѐ ќе направи, за пак и пак да ја доживее таа надумна благодатна радост од средбата со Живиот Бог.

Поклоничките патувања нѐ носат на таква директна духовна средба со Бога преку светиите негови, како што е речено: “Дивен е Бог во светиите свои”. Со поклоничките патувања, одиме на гости кај Домаќинот на целиот космос. И како што кога ќе одиме на гости кај некого, ќе бидеме почестени со нешто, така и кога сме на поклоничко патување – Бог - како штедар и многумилостив, ќе нѐ почести со духовно благце од која душата благодатно ќе торжествува со недели и месеци.

Поклоничките патувања, всушност, се показател на нашата слободна волја да бидеме со Бога, а Он ја прима секоја слободно и љубовно изразена жртва како наш исчекор кон Него, за Тој по милоста своја да го направи најважниот исчекор кон нас – да нѐ прими и орадости во луното свое.

Поклоничките патувања ја имаат моќта да го оприсутнат невидливото, таинственото, да ја ововременат надвремената и безвремена димензија на Божјото присуство во човекот и светот. Затоа, во целиот тој благодатен букет од свети тајни и Божји дарови кои Бог ни ги дал за наше спасение, влегуваат и поклоничките патувања.

Сведоштвата на илјадници орадостени, утешени и исцелени поклоници, ја потврдуваат потребата од поклоничките патувања, како и нивната важност за духовниот раст и поткрепата на секој човек кој го бара Бога и своето спасение, како и спасението на своите ближни.

Затоа и појавата на Лео Травел, како агенција која пред сѐ организира поклонички патувања, е природен духовен процес на растот на нашиот Богозаљубен народ кој копнеел по Живиот Бог низ вековите до денес. Сештедриот и многумилостив Бог, да го благослови ова богоугодно дело и да даде утеха, радост и исцеленија во многу срца и души. Амин.